На 170 локации низ сливот на Вардар се вршат теренски мерења, земање примероци и лабораториски анализи на површинските и подземните води. Станува збор за досега најсеопфатната проверка на квалитетот и количеството на водните ресурси во дел од државата што опфаќа повеќе од 80 отсто од водните тела.
Мониторингот го спроведуваат стручни тимови на Управата за хидрометеоролошки работи според нова национална програма, со која се утврдени мерните места, параметрите и методите за анализа. Активностите треба да покажат каде има загадување, недостиг на вода или други ризици што бараат интервенција.
Програмата е изработена во рамки на Швајцарската програма за управување, користење и заштита на водите, во соработка со УХМР и меѓународни експерти. Целта е да се воспостави модерен систем за следење и управување со водните ресурси, усогласен со Законот за води и со европските стандарди.
„Резултатите ќе покажат каква е состојбата на водите, кои се главните предизвици и кои мерки се потребни за нивна заштита“, изјави директорот на УХМР, Игор Лазаровски. Тој нагласи дека точните и редовни податоци се неопходни за заштита на водата како ресурс важен за населението, земјоделството, економијата и природата.
Проверката треба да заврши до крајот на годината. Ќе бидат опфатени 80 локации со површински води и 90 мониторинг-станици за подземни води во сливот на Вардар.
За потребите на мониторингот, УХМР доби 14 пиезометри за следење на подземните води, модерна лабораториска опрема и две возила, во вкупна вредност од околу 250.000 швајцарски франци. Дополнително, за спроведување на активностите се обезбедени околу 440.000 швајцарски франци национално кофинансирање.
Собраните податоци ќе бидат основа за изработка на првиот План за управување со сливот на Вардар. Документот треба да ги утврди идните мерки за заштита на водите, справување со загадувањето и поефикасно користење на водните ресурси.
