Скопјани заслужуваат модерен град

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави на својот Фејсбук профил дека градежните активности на булеварот „Македонија“ се одвиваат со засилена динамика и во вечерните часови, со цел да не се создаваат дополнителни гужви во сообраќајот.

„Вечерва, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, извршивме увид во градежните активности на еден од најзначајните инфраструктурни проекти, со кој Скопје ја добива својата прва подземна сообраќајница“, рече Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека првата фаза на проектот, која започна пред неколку недели, веќе се реализира со конкретни активности на терен.

„Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот“, посочи градоначалникот.

Проектот ги опфаќа булеварите „Борис Трајковски“ (кај Рампа), „Македонија“, улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на „Борис Трајковски“. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, како и уредување на раскрсници со острови во форма на триаголник и солза за поголема безбедност на учесниците во сообраќајот.

„Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, рече Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека паралелно се изведува и атмосферска канализација со повеќе од 60 шахти и сливници, што е значаен чекор кон поотпорна и одржлива урбана инфраструктура.

„Скопје го градиме со работа. Со визија. Со посветеност. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, додаде градоначалникот.