Фондот за здравствено осигурување во врска со состојбата со здравственото осигурување во МВР соопшти дека статусот на здравственото осигурување се утврдува преку автоматизиран систем, врз основа на податоците за пријавите и уплатените придонеси, кои по електронски пат се преземаат од Управата за јавни приходи.

Од Фондот наведуваат дека не вршат рачно исклучување на осигурениците, ниту донесуваат поединечни одлуки за прекинување на нивното осигурување и дека станува збор за системски воспоставен механизам кој подеднакво се применува за сите правни субјекти, вклучително и за државните институции.

Во моментов интензивно се работи на надминување на актуелната состојба со здравственото осигурување на вработените во МВР, како и на изнаоѓање трајно системско решение со кое ќе се спречи повторување на ваквите ситуации. Состојбата е поврзана со дополнително пријавување вработени за претходен период, врз основа на судски одлуки, при што е потребно соодветно усогласување на пресметките и уплатата на придонесите. Со ваква состојба во минатото се соочил и самиот Фонд, што потврдува дека не станува збор за постапка насочена кон одредена институција или категорија вработени, информираат од Фондот и додаваат дека на нивна иницијатива веќе е формирана меѓуинституционална работна група, во која учествуваат претставници на надлежните институции и досега се одржани неколку работни состаноци, на кои се разгледуваат конкретни решенија за надминување на причините што доведуваат до вакви состојби.

Свесни сме дека ваквите состојби предизвикуваат оправдана загриженост кај вработените и нивните семејства. Затоа, нашата заложба е насочена не само кон решавање на моменталниот проблем, туку и кон воспоставување долгорочен механизам што ќе обезбеди поголема сигурност и континуитет во остварувањето на правата од здравственото осигурување. Очекуваме интензивната соработка меѓу надлежните институции во најкраток можен рок да резултира со конкретно и одржливо решение, посочуваат од ФЗО и додаваат дека остануваат целосно посветени на заштитата на правата на осигурениците и навремено ќе ја информираат јавноста за понатамошните активности и постигнатите резултати.