Грција
Откако владата ги укина повеќето анти-ковид ограничувања, бројот на новоинфицирани со коронавирусот порасна.
Вчера беа регистрирани 1.797 новоинфицирани лица, од кои повеќе од 1.000 во поширокиот регион на Атика. Тоа е двојно повеќе од 801 инфекција пријавена во понеделникот.
Неколку случаи на делта сој се пријавени во земјата.
Затоа грчките власти воведоа нови правила, кои ќе се однесуваат на работата на кафулињата, баровите и ноќните клубови, а тоа значи дека ќе биде забрането да се служат гости кои стојат на шанк, односно угостителските објекти ќе можат да работат само доколку имаат маси за гостите.
Кипар
Кипар има двонеделна инциденца од 179,62 нови инфекции на 100.000 жители, далеку повеќе од 50, број што го постави Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ECDC) како горна граница за одредена област да биде зелена.
Повеќето од новите случаи се поврзани со делтата варијанта, поради што локалните власти се плашат дека новиот, четврти бран на пандемијата ќе ги погоди точно во средината на сезоната.
Хрватска
Туристичките власти предупредуваат дека, без значително поголем удел на вакцинирани, сезоната во Хрватска може да заврши порано од минатата година. Хрватска сè уште е зелена на мапата на ECDC, иако округот Задар успеа да се пробие меѓу 100-те региони со најголема инциденца во последните седум дена. Хрватска во четвртокот пријави 98 нови инфекции и два смртни случаи, а во изминатите седум дена забележа 30 проценти повеќе случаи од претходната недела.
Турција
Плажите во турските градови на егејскиот брег повторно се преполни со посетители по укинувањето на епидемиолошките мерки. Иако Турција, која досега има пријавено неколку стотици случаи на делта варијантата, како и три случаи на сојот варијанта делта плус, не забележала драстичен скок во бројките, има вкупно околу 80.000 инфекции во изминатите две недели, на мапата ECDC. Турција спаѓа во портокаловата група, со инциденца поголема од дозволената – 50.
Египет
За разлика од остатокот на Африка, каде што се шири делта варијантата, во Египет, според министерот за здравство, нема трага од оваа варијанта. Исто така, стапката на ширење на инфекцијата постојано се намалува. Земјата во вторникот објави 164 нови инфекции и 22 смртни случаи. Во последните две недели, Египет пријави околу 5.000 нови случаи, што е околу пет на 100.000 жители.
Албанија
Во Албанија, како и минатото лето, од Македонија може да се влезе без посебни ограничувања, поради што стана популарна дестинација за нашите туристи. Добрата вест за нив е дека епидемиолошката состојба во земјата е сè уште стабилна, иако летната сезона е во полн ек.
Албанија е на зелената листа на ECDC, со помалку од 15 позитивни тестови на 100.000 жители во последните две недели. Во изминатите неколку дена, Албанија бележеше помалку од 10 нови инфекции на ден и нема смртни случаи. Исто така, присуството на делта варијантата сè уште не е откриено во оваа земја.
Црна Гора
Бројките се малку поголеми во Црна Гора, но епидемиолошката состојба таму може да се смета за поволна. Дневните инфекции во изминатите денови варираат помеѓу 10 и 30, и покрај зголемениот надзор, делта варијантата не е откриена.
Неделното зголемување на инфекциите за пет проценти не ги загрижи здравствените власти, така што од оваа недела се ублажени некои мерки. Тие вклучуваат подолго работно време во кафулињата и музика во живо на отворено, како и зголемување на бројот на фанови дозволени на спортски настани од 10 на 30 проценти од вкупниот број места.
Босна и Херцеговина
Оние кои планираат да летуваат во Босна и Херцеговина, со задоволство ќе дознаат дека ширењето на вирусот во таа земја се забавува. Во изминатите неколку дена, пријавени се помалку од 30 новоинфицирани лица, поради што БиХ е на зелениот список на ECDC. Сепак, првите два случаи на делта сој беа откриени во БиХ оваа недела.