Како што изјави Цветан Бунтески, претставник на Иницијативниот одбор на поранешните вработени во „Еурокомпозит“, Владата на 20 април донесе одлуки за два месеца да се реши прашањето со придонесите за поранешните вработени со исплата на придонесите, и за сегашните и да се реши прашањето за стратегиски инвеститор, ако нема, тогаш следува ликвидација. Задолжени се заменик-премиерот и министерот за економија, но, според Бунтески, ништо не е направено освен што има нов претставник на општествениот капитал.

-Сакаме да ја информираме јавноста, а воедно и премиерот, кој можеби и не знае, до каде се работите со кои ги задолжил министрите за фабриката. На 20 април, на седница ва Владата е донесена одлука да се промени претходниот и да се назначи нов претставник на општествениот капитал на наменската фабрика. Назначен е нов. Воедно, заменик-премиерот и министерот за економија се задолжени во рок од два месеца да се реши статусот на вработените. На тие што се прогласени технолошки вишок, околу 150, да им се платат придонесите за што има одлука донесено републичкото собрание уште во октомври 2019 година, а да им се платат и на сите вработени. Второ, да се најде стратегиски партнер, и доколку не се најде, да се оди со ликвидација, рече Бунтески.

Соопшти дека последна средба со претставникот на општествениот капитал имале пред еден месец. На средба во Владата, како што рече, децидно кажале дека доколку видат дека нешто се случува и се работи, ќе бидат трпеливи, но доколку нема ништо – ќе преземат чекори.

– За една недела планираме со шатори да бидеме пред општинската зграда, зашто пари за одење во Скопје немаме. Сите демократски средства ги исцрпивме. Само се менуваат претставниците на општествениот капитал кои бараат четири-пет месеци да се запознаат со состојбата, и пак – ништо. Го информираме премиерот дека од задолженијата што како влада на седницата од 20 април им ги дал на заменик-премиерот и на министерот за економија, ништо не е реализирано. Ниту, пак, има нешто од одлуката да се бара стратегиски инвеститор, а ако нема, фабриката да оди во ликвидација. Контрадикторно е што постои директор, Одбор на директори, а фабриката не работи од декември 2019, рече Бунтески.

Во прилепската наменска фабрика која е последна од загубарите, претходно се реши состојбата со Тутунскиот комбинат, машините не работат и работниците не се на работа од декември 2019 година. Полицијата регистрира кражби на железо и непознати репроматеријали.