Владата ќе го намали бројот на автомат-клубови
Со новиот Закон за игри на среќа, кој е веќе подготвен и наскоро ќе влезе во собраниска процедура, Владата очекува природно да се намали бројот на автомат-клубовите низ државата. Ова денеска го истакна премиерот Христијан Мицкоски на настан организиран на Машинскиот факултет во Скопје.
„По неколку месеци посветена работа на Законот за игри на среќа и негово усогласување, можам да кажам дека истиот е финализиран. Очекувам во текот на овој месец да ја помине владината процедура, по што ќе биде проследен до Парламентот. Законот предвидува многу новини и измени, и очекувам со неговото усвојување природно да се намали бројот на ваквите автомат-клубови“, изјави Мицкоски.
173 нелегални сајтови блокирани по налог на Државната лотарија
Изјавата на премиерот следи откако министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вчера објави дека се идентификувани и блокирани 173 нови нелегални провајдери на онлајн игри на среќа.
Од Министерството за дигитална трансформација појаснија дека станува збор за нова листа на сајтови доставена од Државната лотарија, која е проследена до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), за понатамошно постапување преку телеком операторите.
„Ние како Министерство постојано апелираме до граѓаните кои имаат финансиски средства на овие страници навремено да ги повлечат и да не се подведуваат на ваквите лажни и манипулативни провајдери. Овие страници се небезбедни, а безбедноста на интернет зависи и од самите корисници“, изјавија од Министерството за МИА.