На 51 лице не им се знае трагата по уривањето денеска на станбена зграда во северниот дел на Мајами, јави Вашингтон пост.
Дел од кондоминиум на крајбрежни згради со апартмани, расположени покрај плажата северно од Мајами, се урна утринава убивајќи најмалку едно лице.
Делумно урнатата зграда е 12-катна и била изградена во 1981 година, во неа има над 130 станови, а уништени или оштетени се повеќе од 70. Видео од сигурносни камери објавено на Твитер го покажува моментот кога зградата едноставно се урнала како кула од карти.
Како што јавува весникот, 34 жители биле веднаш извлечени од оштетениот објект, две лица биле пронајдени во урнатините, од кои едно починало.
Според Сали Хејман, советничка од округот Мајами-Дејд, од сите станари – сопственици на станевите во објектот, на 51 лице засега не им се знае трагата.
-Имаше луѓе кои избегаа по скалите, кои излегле самостојно и за кои нема податоци како заминале. Не им се знае трагата, бидејќи немаме слушнато од нив, или семејствата или пријатели се немаат јавено да кажат дека се добро, изјави таа.
Властите засега не можат да кажат колку точно луѓе загинале, соопштуваат дека се одвива операција за потрага и спасување, како од страна на полицијата така и од пожарникарите, кои на местото на настанот дошле со околу 50 возила. Расчистувањето на остатоците од зградата и напорите за спасување се очекува да траат со недели.