Тетовската полиција во координација со јавен обвинител презема мерки за откривање на сторителите кои поставиле знаме на Албанија на куполата на црквата „Свети Атанасиј“ на тетовското Кале и знаме на ОНА на бандера на влезот на Калето, велат од Секторот за внатрешни работи Тетово.

Случајот, како што информираат оттаму, бил пријавен вчера попладне околу 17:30 часот од страна на црковниот одбор при храмот „Свети Атанасиј“. На местото веднаш била испратена полициска екипа која извршила комплетен увид и работи на целосно документирање и расчистување на случајот.

„Уште во текот на вчерашниот ден во вечерните часови двете знамиња се отстранети, односно симнати. Во координација со јавен обвинител работиме на откривање на тие што ги поставиле и причините зошто ги поставиле“,велат од СВР Тетово за „360 степени“.

На крајот на ноември се случи сличен инцидент кога од јарболот беше симнато знамето на македонската православна црква-Охридска архиепископија, во дворот на манастирот „Свети Наум охридски-чудотворец“, на Попова Шапка.

Знамето тогаш беше фрлено, а на негово место беше ставено знамето на Албанија. Тетовската полиција за само неколку часови го приведе сторителот.