Со измените направени во Законот за акцизите во април годинава, предвидена е варијабилна маргина која е поврзана со цената на барел нафта на светската берза, така што, ако цената на нафтата на светската берза расте, оваа маргина ќе се намалува што ќе влијае на крајната цена на горивата кај нас.
– Според законското решение дополнителната акциза од три денари кај бензините е предвидена доколку цената на светската берза е под 390 долари за тон, ако е помеѓу 390 и 590 долари за тон дополнителната акциза изнесува 2 денари и ако е над 590 долари за тон тогаш дополнителната акциза е 0 денари, односно се укинува. Кај дизел горивото и екстра лесното масло за домаќинство е предвидено дополнителна акциза од 3 денари ако цената на светската берза е под 400 долари. Дополнителна акциза од 2 денари е предвидена за дизелот кога на светската берза е меѓу 400 и 600 долари за тон и доколку цената на светската берза е над 600 долари таа изнесува 0 денари, се вели во соопштенито од Владата.
Согласно законското решение, од Владата, посочуваат дека се создадени услови за укинување на дополнителната акциза кај дизел горивото, за што Регулаторна комисија денеска ја донесе одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтени деривати и горива за транспорт. Претходно беа исполнети условите за укинување на дополнителната акциза кај бензините.
– Сите мерки што Владата ги презема се во насока на заштита на здравјето на граѓаните, на поддршка на стопанството, како и ранливите категории граѓани и се донесени во консултација со сите релевантни општествени чинители. Притоа особено се внимава во услови на пандемија која го зафати светот, соодветно да одговориме за намалување на последиците. Во таа насока се и мерките донесени во шесте пакети антикризни мерки, а во таa насока е и намалувањето на ДДВ кај електричната енергија за домаќинствата, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Состојбата, се посочува во соопштението од владината прес-служба, се следи постојано и доколку има потреба се реагира соодветно.