Оваа заштеда е само од укинување на функцијата организациски директор во здравствени установи, а во иднина нема да има трошоци за секретари, службени возила, телефони и патувања во странство што досега ги користеа овие функционери. Таравари најави веднаш разрешување на оние кои се вршиели на должноста а директорите со менаџерски договори ќе ги почекаат измените на законот каде ќе биде укината оваа функција, пишува Сител.

-Понеделник ако ја преземам функцијата 90% од економските директори кои се в.д. ќе бидат веднаш разрешени, освен тие што имаат решенија. Ќе имаме веднаш предлог за закон до парламентот за да се смени законот и да не постојат веќе економски директори, изјави Арбен Таравари, кандидат за министер за здравство.

Согласно најавата на Таравари, во понеделник неколку клиники како Токсикологија и Неврологија ќе останат без кормилар бидејќи во моментот со нив раководат само организациски директори кои се в.д. Една од нив е Бесија Илјази која беше назначена ден пред распишување на изборите а со месеци е во фокусот на јавноста поради бројните реакции од вработени кои се противат на нејзиното работење.

На дел од клиниките, пак, организациските имаат менаџерски договори и нивно сегашно разрешување ќе значи само трошок за здравството бидејќи ќе треба да исплаќа судски решенија.

На идниот министер за здравство укинувањето на организациските директори му беше приоритет и во 2017 кога неколку месеци беше на министерската функција. Исто ветување во програмата имаше и СДСМ но тоа не го реализираа во 7 годишното владеење.

Оваа функција беше воведена во 2007 со цел преку врзан потпис подобро да функционираат здравствените установи.