Израелската парламентарна комисија денеска одлучи да го укине обезбедувањето за сопругата и возрасните синови на поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху, шест месеци по заминувањето од власт на долгогодишниот лидер на земјата.

Одлуката, која стапува во сила од утре, е донесена и покрај барањата на Нетанјаху, кој тврди дека неговото семејство е постојано изложено на закани.

Согласно стандардните процедури, обезбедување и автомобил со возач му следува на семејството на поранешниот премиер во првите шест месеци по неговото заминување од функцијата.

Меѓутоа, во јануари, на инсистирање на Нетанјаху, комисијата го продолжи лимитот на една година. Како што се наведува, истата комисија денеска ја усвои препораката на безбедносната служба Шин Бет тој рок да се намали на шест месеци. Во препораката на Шин Бет се потврдува дека нема непосредни закани кон сопругата или децата на Нетанјаху.

Во видео објавено на Фејсбук, Нетанјаху ја критикуваше одлуката како политичка, велејќи дека неговото семејство постојано добива закани.