Втор борбен авион на американското воздухопловство се урна во областа на Персискиот Залив, а единствениот пилот е спасен, изјавија двајца американски официјални лица за „Њујорк тајмс“, пренесе Ројтерс.
Станува збор за јуришен авион А-10 „Вортхог“, кој паднал во близина на Ормускиот теснец приближно во исто време кога Ф-15Е бил соборен над Иран. Официјалните лица зборувале под услов на анонимност поради чувствителноста на оперативните информации.
„Њујорк тајмс“ наведува дека не се изнесени многу детали за инцидентот, вклучително и како и каде точно се случил падот на авионот.
А-10 „Вортхог“ е јуришен авион развиен за време на Студената војна, наменет за блиска воздушна поддршка на копнените сили. Неговата главна задача е уништување тенкови, оклопни возила и други цели на земја, а е опремен со моќен топ ГАУ-8 калибар 30 милиметри.
Познат е по побавниот лет во однос на другите борбени авиони, што му овозможува поголема прецизност и подолго задржување над бојното поле. Авионот е препознатлив и по својата издржливост, со оклопена пилотска кабина и системи што овозможуваат продолжување на летот и при сериозни оштетувања, поради што често се нарекува „летечки тенк“.
Претходно денеска беше објавено дека Иран соборил американски борбен авион Ф-15Е, при што еден пилот бил спасен, додека потрагата по вториот член на екипажот е во тек.
Корпусот на Иранската револуционерна гарда соопшти дека го пребарува подрачјето во близина на местото на падот на авионот на југозападот од Иран, а регионалниот гувернер понуди награда за секој што ќе го пронајде или ликвидира пилотот.
Израелските медиуми, повикувајќи се на официјални извори, објавија дека еден пилот е спасен, додека американската телевизија Си-би-ес њуз исто така извести за спасување, повикувајќи се на двајца американски претставници.
Овие инциденти укажуваат на зголемениот ризик со кој се соочуваат американските и израелските авиони над Иран во услови на ескалација на конфликтот.
