Бројот на активни случаи заразени со корона – вирусот во земјава изнесува 10.625 од кои најмногу – 5.076 се во Скопје. Во Куманово има 935 активни случаи, во Тетово 834, во Гостивар 405, во Кичево 350, во Велес 339, во Охрид 300, во Прилеп 279…
Од вкупниот број позитивни на Ковид-19 регистрирани во изминативе два месеци, 76 проценти или 28 856 граѓани не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 81 отсто, додека само 19 проценти од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата на Министерството за здравство.
Како што се наведува во анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид-19, за вакцинирани се сметаат лицата кај кои се аплицирани две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина. При тоа во период од 06.08 до 7.10.2021 на територија на државата 38.019 граѓани се регистиррани како позитивни на Ковид 19, од кои 24 отсто биле целосно вакцинирани, односно 9.163 лица.
Во период од 6.08 до 7.10.2021 на територија на државата починале 1 277 пациенти со Ковид 19, од кои 1070 пациенти од нив, односно 84 проценти, не биле вакцинирани, а само 16 отсто, односно 207, примиле вакцина.
– Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, се наведува во соопштението.
Министерството за здравство воедно, укажува на важноста на вакцинација и апелира до граѓаните да се имунизираат.
– Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2, наведуваат од Министерството за здравство.
Од Министерството информираа дека во текот на завчерашниот ден аплицирани се вкупно 2.798 дози вакцини, од кои 745 како прва доза, 1.999 се ревакцинирани, а 54 граѓани примиле трета доза вакцина.
Заклучно со 7 октомври вкупно се вакцинирани 793.987 граѓани, ревакцинирани се 745.415, а трета доза примиле 625 граѓани. Ревакцинирани се 53 отсто од граѓаните над 40 годишна возраст, а 33 проценти од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза на полнолетната популација е 47, а со две дози 44 проценти. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 35 проценти примила две дози вакцина.
Досега во земјата се направени вкупно 1.314.953 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-19 дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 194.231, бројот на оздравени пациенти изнесува 176.807, а 6.799 се починати.