Србите на северот на Косово деветти ден протестираат на барикадите, а затворени се и премините Јариње и Брњак, под контрола на косовската полиција.

Мисијата на Кфор сè уште не одговорила на барањето за враќање на српските сили за безбедност на Косово, наведува РТС.

Кфор соопшти дека има капацитет да овозможи безбедна атмосфера и слобода на движење за сите заедници, во согласност со мандатот врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

На поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ му е одбиена жалбата на притворот, а на неговиот колега Слаѓан Трајковиќ судот во Приштина му одредил притвор во 30 дена.

Пантиќ на почетокот на декември ја напушти косовската полиција заедно со останатите колеги во знак на протест поради одлуката на Приштина за пререгистрација на возилата со таблички издадени во Србија.

Тој беше уапсен на 10 декември на граничниот премин Јариње и одреден му е притвор од 30 дена поради сомнеж дека учествувал во нападот на просториите на општинската изборна комисија во северниот дел на Косовска Митровица.

Поранешниот полицаец Слаѓан Трајковиќ е уапсен во четвртокот, а осомничен е за воено злосторство.