-Во последните десет дена има зголемување на случаите и драстичен пад на просечната возраст на нашите сограѓани заразени од вирусот – на 27 години. Во јужните области на Атина, каде што е утврдена особено висока стапка на заразени луѓе, околу 66 проценти од случаите се на возраст од 15 до 24 години, рече Пелони на прес-конференција, а пренесе грчката агенција АНА.
Утврдено е, како што додаде таа, дека инфекцијата на лица помлади од 30 години е поврзана со местата за забава, поради што, како што истакна, ќе бидат применети построги мерки во рестораните, баровите и во ноќните клубови.
-Целта за следниот период е да ги убедиме оние што сè уште се сомневаат во безбедноста и ефикасноста на вакцините да ја искористат привилегијата за вакцинирање, рече Пелони.
Портпаролката посочи дека Грција е во нова фаза на пандемијата.
-Во нашите раце имаме штит што го немавме во претходната фаза – тоа е вакцината до која сите граѓани имаат универзален, бесплатен и директен пристап. Вакцините се ефикасни, тие дејствуваат и нè штитат. Оние што сè уште не го сториле тоа, треба веднаш да се вакцинираат, рече Пелони.