Интензивен процес на ангажирање нови здравствени работници

Министерството за здравство информира дека од именувањето на министерот Азир Алиу на 9 јуни, започнат е интензивен процес за засилување на здравствениот кадар во целата држава. Во изминатиот месец се реализирани или се во завршна фаза над 950 нови вработувања во јавните здравствени установи.

Меѓу новоангажираните кадри се лекари, медицински сестри, лаборанти, болничари, техничари, психолози, социјални работници, хигиеничари, како и друг неопходен персонал кој е клучен за функционирање на здравствениот систем.

Процесот продолжува и во наредниот период

Од Министерството најавуваат дека овој процес ќе продолжи и понатаму, со нови постапки за вработување што ќе бидат спроведени во повеќе јавни установи низ земјата. Целта е да се обезбеди кадровска стабилност и подобрување на здравствените услуги за граѓаните.

Алиу најави и реформа во системот „Мој термин“. Погледнете повеќе од видеото во продолжение:

Фокус на човечкиот капитал како основа на системот

„Зајакнувањето на човечките ресурси е суштински дел од новата стратегија за унапредување на здравствениот систем што ја промовира министерот Алиу. Здравството не може да функционира без посветениот кадар што секојдневно го одржува во живот. Затоа, Министерството останува фокусирано на создавање стабилен и ефикасен систем преку инвестирање во луѓето, кои претставуваат негова основа“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.

Извор: Плусинфо