Македонската амбасада во Украина засега продолжува да работи и дипломатите остануваат во Киев, но нивните семејства неделава ќе се вратат во Скопје. Во Украина остануваат и околу 30 набљудувачи од Македонија во рамки на Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ.
Во Украина во моментов престојуваат околу сто македонски државјани, а МНР разработи план со активности за различни сценарија кои би можело да се одвиваат во наредниот период во таа земја.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера на брифинг информира дека има четири категории македонски државјани во Украина. Во првата категорија се амбасадорот и уште еден дипломат во нашата амбасада во Киев и нивните семејства. Бидејќи тие се суштествен персонал за амбасадата и засега нема одлука таа да се затвори, дипломатите ќе останат во Украина додека не биде донесена поинаква одлука, но одлучено е нивните семејства да се вратат во Скопје на почетокот од неделава.