Потресни сведоштва за драматичната борба за живот во дискотеката „Пулс“ денеска беа изнесени на судското рочиште за трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени. Преживеаните пред судот раскажуваа за моментите на паника, огнот што се ширел со огромна брзина и хаосот што настанал во обидите за спас, пренесува Слободен печат.

„Се запали плафонот и настана стампедо“

Еден од преживеаните, Петар Марковски, редовен посетител на дискотеката, сведочеше дека пожарот започнал кога се активирале прскалките и се запалил плафонот изработен од сунѓер. Според неговото сведоштво, во објектот настанала масовна паника, а луѓето во страв почнале да бегаат кон единствениот излез, додека огнот се ширел со голема брзина.

Марковски раскажа дека поради стампедото се онесвестил и кога дошол при себе бил притиснат под неколку лица. Не можел да стане и, како што изјави, бил принуден да ги соблече патиките за да се извлече. Откако излегол надвор, затекнал повредени пријатели и веднаш се вклучил во помошта, по што заминал во болницата каде останал до изутрината.

Тешки повреди и долготрајни последици

Иако и самиот бил сериозно повреден, Марковски, кој имал обука за прва помош, им помагал на другите повредени до утринските часови. Подоцна бил префрлен на лекување во Словенија, каде, како што изјави, лекарските наоди покажале дека целосно му биле зафатени белите дробови и изгорени дишните патишта.

Тој истакна дека и денеска чувствува сериозни последици од повредите, со значително намален капацитет на дишење, што влијае врз неговото секојдневно функционирање.

„Работевме без договори и без обука“

Своето сведоштво го даде и Дејан Манасиев, кој работел како шанкер во дискотеката „Пулс“ уште од нејзиното отворање во 2012 година. Тој пред судот изјави дека персоналот работел без договори, без каква било обука за заштита од пожари и без јасни безбедносни процедури.

Манасиев наведе дека наредбите ги добивале директно од сопственикот, дека не бил сигурен дали во објектот воопшто имало функционални хидранти и дека, освен неколку противпожарни апарати, немало соодветна опрема. Со солзи во очите, тој сведочеше дека од вработените таа кобна вечер преживеала само една колешка, додека останатите шест до седум лица го загубиле животот.

И самиот Манасиев претрпел сериозни оштетувања на дишните патишта и се лекувал во Штип, Скопје и девет дена во Грац, Австрија. Тој истакна дека и по десет месеци од трагедијата повторно му е значително намалена сатурацијата, која, како што рече, паднала на 65 проценти. Манасиев изјави дека нема да се приклучи кон кривичниот прогон, но ќе побара отштета.