Полицијата вечерва завршува заплена на речиси десет тони марихуана во Скопје, поврзани со претходно одземените пет тони во Србија, а складирани во кругот на фирмата инволвирана во случајот со нелегалниот шверц, дознава „Скопје1“ од извори вклучени во истрагата. Паралелно со оваа заплена, според истите извори, се спроведува и втора акција на локации надвор од Скопје, каде што се одземаат дополнителни 18 тони марихуана. Според неофицијалните информации, втората заплена е во струмичко.
Акцијата, која трае во текот на целиот ден, ја спроведува Министерство за внатрешни работи под насоки на Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Со тоа, се одзема вкупна количина од околу 27 тони марихуана, што според достапните информации претставува најголема конфискација на дрога во Македонија за која досега се слушнало во јавноста.
Акцијата следи по настаните од пред четири дена, кога во Србија беа пронајдени и одземени пет тони марихуана за кои српските власти соопштија дека биле прошверцувани од Македонија и биле наменети за српскиот пазар. Тамошните институции информираа дека дрогата била складирана во магацин поврзан со семејство во село во Крушевац.
Во фокусот на истрагата е компанијата „Алфафарм ДОО Скопје“, регистрирана во 2023 година, со дејност одгледување и преработка на билки, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба. Според податоците од Централниот регистар, компанијата има акционерски капитал од околу 529 илјади евра и повеќе ко-сопственици. Интересно е што има измени во сопственичката структура денови пред да бидат фатени шверцуваните пет тони во Србија.
Од македонските институции засега не се соопштуваат детали, со образложение дека акцијата сè уште е во тек. Во кругот на поранешниот комплекс ОХИС, каде што правно е регистрирано седиштето на „Алфафарм ДОО Скопје“, вечерва е забележливо засилено полициско присуство, истражители на Обвинителството, како и медицински лица.
Во Србија, според официјалните информации, осомничени се пет лица, од кои две се сè уште недостапни за органите на прогонот, а се гонат за неовластено производство и ставање во промет на наркотични дроги. Бројот на осомничени и кривичните дела за кои постојат сомневања во Македонија ќе бидат соопштени по завршувањето на целосната истражна постапка, кога и официјално се очекува потврда за заплената од над 27 тони марихуана.
Извор: Скопје1
