Македонската фудбалска репрезентација со шест порази во исто толку натпревари ги заврши натпреварите од групата Б1 во Лигата на нациите. По поразот синоќа во Скопје од Словенија со 0:3, на прес конференцијата селекторот Гоце Седлоски изјави:
– Морам да се извинам во мое име и во име на играчите за овие натпревари во Лигата на нациите кои ги одигравме без победа и со еден постигнат гол. Натпреварот со Словенија, не знам што се случува, играме дома, без желба и без мотив. Примаме голови на наши грешки, после оној натпревар во Шкотска, мислев дека малку ќе се подигнеме, но бевме лоши. Во тешка ситуација сме, десет натпревари сме без победа и мора да се кренеме. Знаеме дека имаме бараж за опстанок во Б-лигата и со какви екипи играме. Го чекаме извлекувањето и се надевам дека ќе имаме подобро издание на тие натпревари.
Потенцијални ривали во баражот што ќе се игра во март 2027 година (гости – дома) ни се селекциите на: Белорусија, Кипар, Фарски острови и Естонија, кои натпреварите во Ц сегментот го завршија на второто место во групите. Извлекувањето на двојките за баражот ќе се одржи во петок на 20.ноември во Нион.
