Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Гоце Седлоски, го објави списокот на повикани играчи за пријателските натпревари со Босна и Херцеговина и Турција.

„Ни следат мечеви со две силни селекции со БиХ и Турција. Повикав повеќе играчи, доста играчи откажаа затоа што е крај сезоната и заморот и повредите го направија своето. Повикав играчи од македонското првенство, сакам да испробам некои нови имиња затоа што за брзо доаѓаат предизвиците во Лигата на нациите.

Секако дека ќе има промени во екипата, сите играчи кои играат добро во клубовите, ќе бидат повикувани за националниот тим. Од секој играч сам зависи дали ќе биде со нас тука. Сите играчи кои се повикани ќе добијат шанса, нивно е да се докажат. Имињата кои се на списокот играат стандардно, некои ги немаме затоа што се повредени.“, изјави Седлоски.

Предводникот на националниот тим на располагање ќе има 27 играчи, а меѓу нив петмина кои за прв пат ќе го носат дресот на македонската репрезентација, дефанзивецот на романски УТА, Дин Аломеровиќ, десниот бек на Вардар, Јанкулов, фудбалерите од средниот ред на Силекс, Анѓелески и Додев и најдобриот стрелец на Вардар, Азер Омерагиќ.

Поради повреда, селекторот Седлоски нема да смета на Љупче Дориев, Лука Станковски, Егзон Бејтулаи, Марио Илиевски и Димитар Митровски, а поради клупски обврски двата натпревари ќе ги пропуштат Тихомир Костадинов и Андреј Стојчевски.

 

ГОЛМАНИ: Столе Димитриевски (Валенсија), Дамјан Шишковски (Борац Бања Лука), Давор Талески (Вардар);

 

ОДБРАНА: Ѓоко Зајков (Ајман), Висар Муслиу (Ст. Труден), Никола Серафимов (Левски), Дин Аломеровиќ (УТА Арад), Езѓан Алиоски (Лугано), Јован Манев (Нови Пазар), Имран Фетаи (Шкендија), Себастијан Ерера (Борац Бања Лука), Стефан Деспотовски (ОФК Београд), Дарко Велковски (Вардар), Георгије Јанкулов (Вардар);

 

СРЕДЕН РЕД: Елиф Елмас (Наполи), Енис Барди (Коњаспор), Бобан Николов (Вардар), Јани Атанасов (АЕЛ Лариса), Агон Елези (Сараево), Сефер Емини (Сондерјиске), Дарко Анѓелески (Силекс), Дарко Додев (Силекс);

 

НАПАД: Бојан Миовски (Глазгов Ренџерс), Дарко Чурлинов (Коџаели), Елмин Растодер (Тун), Азер Омерагиќ (Вардар), Милан Ристовски (Бохемијанс);

Македонските репрезентативци на 29 мај ќе гостуваат во Сараево против БиХ на стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе“, додека на 1 јуни ќе играат во Истанбул против Турција на „Шукру Сараџоглу“ со почеток од 19:30 часот.