Седмооделенците и овој септември најверојатно ќе го почнат без учебнци. Иако претходната власт најавуваше дека од септември ќе има книги за сите, всушност ниту еден учебник за седмо одделение не бил испечатен, голем дел не биле одобрени, а дел не се воопшто напишани обелодени министерката за образование Весна Јаневска. Деновиве траат разговорите со бирото за развој на образование за да се најде алтернатива, едниот предлог е да се учи по старите учебници , но ќе мора да се провери дали одговараат на концепцијата.
Волшебно стапче да имаме, ние до септември како Влада не можеме да стигнеме да обезбедиме учебници за седмо одделение. Ниту еден учебник за седмо одделение не е даден на печатење. Дел не се одобрени, дел не поминале рецензија, а некои не се ниту напишани. Така што, иако претходното раководство соопштуваше дека и учебниците за седмо одделени се печатат и испорачуваат, фактичката состојба е сосема поинаква, рече Јаневска.
Поради хаосот кој го наследи новата министерка, наставниците ќе мора да обезбедат доплнителни материјали за учениците па така да се решаваат проблемите и да предаде предвидената материја. Доколку законското решение во моментов не дозволи да се постапи поинаку учениците од седмо, осмо и деветто одделение ќе учат како и до сега.
„Неколку денови разговараме со Бирото и најверојатно учениците од седмо одделение и следната учебна година ќе учат од постојните учебници, оние кои и досега беа во употреба. Имаме образложение од Бирото дека се прилично компатибилни со наставните програми, освен за две до три теми за кои може да се направат наставни материјали“, рече Јаневска.
Проблемите во образованието не се само кај основците. Паралелно се бара решение и за студентентите на ФИНКИ. Министерката најави дека сместувањето на студентите нема да биде во објектот што седум години се руинира и се бара интензивно решение каде ќе се одвива наставата. Новата Влада најавува и решение за децата со посебни потреби. Јаневска најави дека за оние дечиња кои не можат да следат редовна настава, се размислува за општински училишта со ресурсен центар.