Мандатарот за состав на влада на Бугарија Пламен Николов од партијата „Има таков народ“, ИТН, побара на денешната седница на бугарскиот парламент да не се гласа за предлогот на ИТН за состав на новата влада. Претходно, лидерот на ИТН, Слави Трифонов изјави дека нема да го достави на гласање предлог-кабинетот на Николов. До ова дојде откако „Демократска Бугарија” и „Стани БГ! Доаѓаме!” објавија дека нема да го поддржат предлог-кабинетот. ИТН победи на вторите избори годинава на 11 јули, на бранот на гневот на јавноста против раширената корупција по повеќе од една деценија доминација на поранешниот премиер на десниот центар Бојко Борисов. Но, со само 65 пратенички места, ИТМ требаше да добие поддршка од другите партии во поделениот парламент од 240 пратеници.
Одбивањето на ИТН да дебатира за министрите или да потпише јасен политички договор ги отуѓи своите потенцијални сојузници. Неуспехот на ИТН сериозно ги зголеми изгледите за нови избори оваа година, попречувајќи ја способноста на Бугарија да се справи со очекуваниот нов подем во пандемијата на ковид-19 и да го искористи големиот фонд за обновување од Европската унија. Според уставот, ќе има уште два обида за формирање влада од други политички партии, но политичките аналитичари велат дека шансите за успех се ограничени. Лидерот на ИТН Слави Трифонов рече дека неговата партија нема да поддржи некоја друга партија што ќе се обиде да формира влада.