Седумчлено семејство од Сирија, родители и пет деца загинаа во пожар што ја зафати куќата во Турција каде што побегнаа откако го преживеаја земјотресот минатата недела, јавуваат локалните медиуми.
Турската државна агенција Анадолија јави, повикувајќи се на писменото соопштение на главното јавно обвинителство, дека избувнал пожар во еднокатна куќа во која живееле 14 лица. Седум лица повредени во инцидентот се згрижени, се наведува во соопштението.
Анадолија пишува и дека семејството што загинало се преселило во централниот регион на Конија пред само неколку дена од градот Нурдаги во југоисточна Турција во провинцијата Газиантеп, кој беше тешко погоден од земјотресот на 6 февруари.
-На лице место се извршени потребните истраги и е назначена стручна комисија, се наведува во соопштението.
Петте деца кои загинаа биле на возраст меѓу четири и 13 години, јавува Анадолија.
Турција е дом на речиси четири милиони Сиријци.