Мергим Дани со остра реакција: „Дехари стана непријател на моето семејство“
Познатиот фудбалер Мергим Дани јавно се огласи на социјалните мрежи по навредливите зборови кои, според него, кичевскиот градоначалник Фатмир Дехари ги упатил кон неговата сестра во скандалозните аудио-снимки што неодамна протекоа во јавноста. Во својата објава, Дани нагласи дека не станува збор за политичка реакција, туку за семејна и морална одбрана.
„Кога се навредува семејството, нема да седиме со скрстени раце“
„Иако на спортистите не им прилега да пишуваат за политика, ова е мојата прва објава. Но ова повеќе не е политичко прашање, туку семејно и морално. А кога се навредува семејството, секако дека нема да седиме со скрстени раце“, напиша Дани.
„Фатмир Дехари избра да стане непријател на моето семејство“
Фудбалерот потенцираше дека семејството Дани има долга традиција и придонес во земјата, и не заслужува да биде навредувано од никого. „Семејството Дани е дел од историјата и придонесот во оваа земја и не може да биде понижувано со навредливи зборови од никого, а уште помалку од некој како тебе. Фатмир Дехари, со зборовите што ги употреби, од денес избра да станеш непријател на моето семејство“, порача тој.