И покрај тоа што е намалена смртноста на предвреме родените бебиња, дури дваесет и пет отсто од бебињата родени во Македонија се родени предвреме.

Министерот Меџити на денешната на прес-конференција по повод Меѓународниот ден на предвреме родените бебиња – 17 ноември вели дека смртноста на предвреме родените бебиња е 5,6 отсто.

Морам да нагласам дека здравјето на мајките и новороденчињата е императив за секој успешен здравствен систем, а токму развојот и имплементацијата на мастер планот за перинатална грижа е резултат на заедничките заложби со СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА. Министерството за здравство ќе остане посветено на креирање средина каде што предвремено родените бебиња ги добиваат највисоките стандарди на грижа, пристап до иновативни третмани и потребна поддршка за развој, посочи Меџити.

Најмало предвремено родено бебе во државава е родено во 23 гестациска недела. А имало бебе родено во 24 гестациска недела кое имало родилна тежина од 480 грама, што е најмала тежина на бебе забележана во државата. Овој ден се одбележува и со цел да се обрне внимание на превентивата на бремените жени, бидејќи, како што кажа, тоа е најважно за да се намали процентот на предвремено родени деца.