Матеј Гаштаров од Црвена Звезда претставува еден од новитетите во редовите на македонската репрезентација во актуелниот циклус од Лигата на нациите. Младиот фудбалер сѐ уште ја чека својата прва победа во националниот дрес, со желба истата да биде остварена на претстојниот дуел против Шкотска на стадионот „Хампден Парк“.
„Кога го носиме дресот на Македонија, мислам дека не треба да бараме посебна мотивација, затоа што самото тоа што сме во А-тимот го носи тоа. Играме против голема Шкотска, има квалитетни играчи, но и ние имаме свои имиња кои се во многу добра форма и ќе излеземе на теренот да дадеме се од себе, да оставиме срце на терен и да уживаме“, истакна Гаштаров.
„За мене во дваесет дена ми се смени целиот живот и ова е нешто ново. Гледам кога ќе излезам на теренот да уживам. Играв против многу големи играчи, големи репрезентации, немам притисок, гледам да уживам во моментов“, додаде македонскиот репрезентативец.
Натпреварот меѓу селекциите на Шкотска и Македонија на „Хампден Парк“ во Глазгов е закажан за петок со почеток од 20:45 часот по македонско време.
