Во Хрватска, кокаинот што се продава на улица е сѐ поопасен поради „сечењето“ со различни супстанции, предупредуваат здравствените експерти. Корисниците често внесуваат хемикалии кои сами по себе се токсични, а комбинацијата со дрогата може да предизвика срцеви аритмии, оштетување на органите и ослабнување на имунитетот.
Хрватскиот институт за јавно здравје наведува дека кокаинот се меша со супстанции како фенацетин, лидокаин и левамизол – лек за свињи и овци кој кај луѓето може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Чистотата на кокаинот значително варира: од само 0,3% до 88,7% во 2024 година, со просечна чистота од 55,7% на уличниот пазар. Поголемите заплени, пред да стигнат до крајниот корисник, имаат повисока концентрација – околу 68%.
„Проблемот не е само варијацијата во чистотата, туку и супстанците што се користат за ‘сечење’. Тие можат да бидат токсични и канцерогени, а корисниците немаат никаков увид што всушност внесуваат“, предупредуваат од Институтот.
Најчесто употребувани адитиви се:
-Фенацетин – може да предизвика рак, оштетување на бубрезите и црниот дроб
-Левамизол – ја нарушува крвната слика и имунитетот
-Лидокаин и прокаин – локални анестетици што можат да предизвикаат аритмии, пад на притисок и напади
-Кофеин и други стимуланси – го оптоваруваат нервниот систем и можат да предизвикаат паника и вознемиреност
Ветеринар од Копривница објаснува дека левамизолот е лек за животни против паразити и го стимулира имунитетот кај свињи и овци, но кај луѓето ја потиснува имунолошката одбрана, што го прави кокаинот уште поопасен за редовните корисници.