Од коалицијата нагласуваат дека од таа сума, над 2 милиони евра се само од општините управувани од функционери на Демократската унија за интеграција (ДУИ).

На пример, само во општина Тетово ‘Пуцко Петрол’ добил над 22 милиони денари, додека во општина Чаир над 15 милиони денари. Овие информации лесно се проверуваат на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, а денес пред вас носиме копии од договорите на оваа компанија со сите институции, беше посочено на прес-конференцијата.

Од коалицијата јавно ги запрашаа одговорните во овие институции и пратеникот Јахоски која е „магијата“ што ја користат за да се победи на скоро секој тендер за набавка на нафта и гориво.

Партиите на Зијадин Села и Африм Гаши бараат Државната комисија за борба против корупцијата, како и обвинителството сериозно да се позанимаваат со овој случај за да објаснат на јавноста како е можно една компанија поврзана со пратеник на политичка партија, да добие толку многу тендери.