Експретседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, се пофали дека тој е најзаслужен за тоа Арбен Таравари да стане политичар. Тој во интервју за Клан Македонија повтори дека останува на ставот дека партијата ќе се натпреварува сама на изборите на 8 мај.

Според Села, коалицијата со албанската опозиција не гарантира промена.

– Во 2016 година никој политички не го познаваше Арбен Таравари. Во 2014, 2015 година кога го започнав Движењето за реформи, го поставив за генерален секретар. Во 2016 година беше втор на листата за пратеник во изборната единица број 1. Загуби. После тоа го направив министер за здравство, напредуваше – рече Села.

Рече дека на локалните избори во 2017 година коалицирал со Движењето Беса за Таравари да стане градоначалник на Гостивар.

Според Села, Таравари тајно одржувал средби со лидерите на опозициските партии.

„Таравари реши годинава да ги заобиколува партиските тела, не доаѓаше на состаноци, а одеше на тајни средби со други лидери без при тоа со него да отиде и друг член на раководството на партијата. Покажа детско однесување што не доликува на лидер. И, почна да прифаќа директиви од надвор. Скандалозно е на средба со косовскиот премиер Аљбин Курти што отиде сам, без ниту еден член на Претседателството на АА.Се додека Зиадин Села политички дише во Алијансата, јас не сум дозволил и нема да дозволам фактори од надвор да ја контролираат партијата“, рече тој.

Села нагласи дека самостојниот настап на Алијанса не значи дека им помага на ДУИ.