Зијадин Села, денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на измените на Законот за прекршоците

 

Претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на измените на Законот за прекршоците, кои се донесени со цел имплементација на проектот „Безбеден град“. Според Села, законското решение е спорно од повеќе аспекти – од процедурата на носење преку прекршување на човековите права и непочитување на Законот за употреба на јазиците, па сè до инфраструктурната неподготвеност на општините.

По поднесувањето на иницијативата, Села пред новинарите изјави дека ваков закон, кој директно влијае врз сите граѓани, не смеел да биде донесен по брза постапка и предлаган преку пратеници наместо како владин предлог што би подлежел на широка јавна расправа.

Прво, со овој закон се удира врз целото население на Република Македонија, врз сите граѓани и никако не е дозволено да помине со брза постапка. Прашањето што може да се постави е зошто за проектот кој веќе со месеци се промовира од страна на Владата иницијативата се прави од пратеници во Собранието. Еве едно јавно прашање: – Што сака да скрие Владата? Зошто самите не излегоа со оваа иницијатива – рече Села.

Тој посечи дека во самиот закон има многу прашања што удираат директно врз рамноправноста на граѓаните.

Премиерот, исто и така и претседателот и сите функционери што се избрани, треба да ги почитуваат законите. Затоа даваат заклетва, дека ќе ги почитуваат Уставот и законите на оваа држава. А еден од законите што тие треба да го почитуваат е и Законот за употреба на јазиците. И треба да го почитуваат бидејќ,и почнувајќи од премиерот, без разлика кој е и со каков политички став, треба да го почитува и Законот за јазиците. И во законот треба да стои дека пораките треба да пристигнуваат двојазично – изјави Села.

Тој забележа и дека несериозно е за една држава казни и судски одлуки да пристигнуваат преку порака бидејќи не постои законска обврска некој граѓанин да има мобилен телефон или електронска пошта.

Ние законски не сме обврзани на тоа. Еве јас имам право да не носам телефон со мене, имам право да немам имејл-адреса. А законска должност ни е да имаме адреса на која живееме. Ако веќе може да се предвиди такво законско решение, во тој случај ние треба да се пријавиме во полиција секогаш кога ќе менуваме број, секогаш кога ќе менуваме имејл-адреса. Значи, се отвораат многу прашања, кои нормално дека требаше да биде предмет на јавна расправа пред да се донесе законот. Соочени со ваква ситуација, принудени сме да доставиме иницијатива до Уставниот суд – рече Села.

Забележа и дека во контекст на еднаквноста на граѓаните не може проектот да се имплементира само во три града, а другиот дел од територијата на државата да не биде покриен. Смета дека пред да се имплементира, требало да се земат предвид и примерите во други држави. Како пример ја посочи Швајцарија, каде што казните не се пуштаат на порака, туку на домашна адреса.

На прашањето зошто амандмански не регирале пред гласањето во парламентот, тој рече дека ваков закон не требало да се носи во брза постапка бидејќи тоа оневозможувало детаљно разгледување на законот не само правно, туку и содржински.

Села упати критика и за функционирањето на Собранието нагласувајќи дека државата е само копија на парламентарна демократија.