Министерот Перински: Проектот ја потврдува успешната соработка со ЕУ и Швајцарската амбасада
Министерот Перински го поздрави проектот „Чист Аеродром“, кој се спроведува во рамки на програмата „ЕУ за општините“. Тој посочи дека програмата ја потврдува успешната соработка меѓу Владата, Швајцарската амбасада и Делегацијата на ЕУ во Македонија.
– Во рамки на овој проект, една од активностите беше набавка на специјализирано возило за собирање селектиран отпад од домаќинствата. Поставивме 11 вендинг машини во сите основни училишта во Општина Аеродром и во две градинки. Исто така, едукацијата на најмалите за селекција и правилно одлагање на отпад е императив на проектот, изјави Перински.
Тој додаде дека се надева на уште повеќе проекти кои ќе придонесат за заштита на животната средина.
Градоначалникот Митески: Аеродром прва скопска општина со комплетна услуга за селекција на отпад
Градоначалникот Митески информира дека Општина Аеродром ја нуди комплетната услуга, доделувајќи канти за селекција на отпад, обезбедени како донација од Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Набавено е и електрично возило кое ќе се користи за собирање на пластичниот отпад преку проектот „Clean AirDrom“, поддржан од Делегацијата на ЕУ, Министерството за локална самоуправа и Швајцарската амбасада. Со ова го заокружуваме процесот на пилотирање на проектот за селекција на отпад од домаќинствата, изјави Митески.
Тој потенцираше дека Општина Аеродром е првата скопска општина која целосно, со сопствени капацитети преку ЈКП, ја нуди оваа услуга на граѓаните.
