Жителите од селото Герман, општина Ранковце, втор ден се отсечени поради високата снежна покривка и наносите од снег кои наместа изнесуваат и над еден метар.

Дваесет и девет дечиња што посетуваат настава во училиштето втор ден не се на училиште, но властите веќе работат на расчистување на патниот правец.

– Станува збор за планинско село, на 1400 метри надморска височина и снежната покривка е висока, околу седумдесетина сантиметри, додека наносите од снег некаде надминуваат и еден метар. Патот Ранковце-село Герман е регионален, во надлежност на Јавното претпријатие Македонија пат и специјализирани возила за расчистување веќе се на терен. Според моите сознанија речиси половина од патот е пробиен и до попладневните часови се очекува истиот да биде расчистен и да можат жителите непречено да функционираат, информира градоначалникот на Општина Ранковце, Борче Спасовски.

Во општината нема формирано снежна покривка, рече Спасовски, бидејќи температурата на воздухот е околу пет степени и снегот што паѓаше вчера попладне и ноќеска, се стопил.