Со силни емоции, солзи и револт, денеска напладне низ Скопје се одржа протестниот „Марш за ангелите“, организиран од семејствата на трагично загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Маршот започна во 12:05 часот пред Јавното обвинителство, продолжи низ градскиот плоштад и заврши пред Собранието на Република Македонија. Симболичното време на почетокот на маршот е истото време кога се случила трагедијата.

Апостолов: „Ни ги зедовте децата!“

Еден од говорниците, Владимир Апостолов, градежен инженер и татко на едно од загинатите деца, со солзи во очите и гласен револт се обрати до институциите:

„Ова не е државна институција. Државата сме ние! Ни ги зедовте децата, ни го убивте животот во нас!“, рече Апостолов.

Во своето обраќање, тој остро ги обвини институциите за криминал, неказнивост и директна одговорност за трагедијата, особено посочувајќи го Јавното обвинителство за непостапување и молк на допрен глас.

„Кој ќе го уапси Љупчо Коцевски? Кој ќе го уапси јавниот обвинител? Каде се уапсените директори, министри, началници?“ – праша тој пред зградата на Обвинителството, додека родителите во тишина држеа фотографии од своите деца.

Системски пропусти и дивоградба со трагичен епилог

Семејствата на загинатите од Кочани ги посочија и поранешните и актуелни функционери – министри, инспекциски служби и јавни обвинители. Според нив тие се директно одговорни за системските пропусти, кои овозможиле објектот без соодветна намена да функционира како ноќен клуб.

Посочен беше и случајот со легализираната дивоградба од 1999 година, која била користена како угостителски објект без пренамена. Тоа е токму просторот каде младите ги загубија животите.

Наднационален апел за правда

Апостолов упати апел до сите граѓани, без разлика на етничката припадност:

„Ги повикувам и сите наши браќа Албанци да ни се придружат со Куранот во рака – ова е наднационална болка, болка на сите мајки!“

Обвинителството повика на средба

Јавното обвинителство денеска објави дека повикува претставници на семејствата кои сакаат да се информираат за текот на истрагата. Целта беше да добијат подетални информации за сите аспекти од постапката.

Нема да се откажат додека не се донесе правда

Протестот мина мирно, но со силни пораки и имиња јавно изговорени – со една заедничка порака. Родителите ќе продолжат да маршираат додека не се донесе правда и одговорните не бидат изведени пред лице на правдата.