Американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил денеска им го честитаа Божик на православните христијани во САД и ширум светот.

-Како и многу други во текот на изминатата година, православните христијани покажаа голема сила на карактер и истрајност, продолжија да покажуваат љубов кон своите ближни и да им служат на своите заедници во тешки времиња, се вели во честитката од претседателот и првата дама.

Притоа, тие изразија и сочувство на оние кои ги загубија своите најблиски за време на пандемијата и кои, како што наведуваат, „ќе го поминат овој Божик полни со тага“.

Џо и Џил Бајден порачаа дека се молат за сите оние кои страдаат, со надеж дека „и покрај болката, ќе најдат сила и чувство за цел и смисла“, пренесе Гласот на Америка.

-Додека ја започнуваме новата година, многу православни христијани ширум светот продолжуваат да се соочуваат со прогон и дискриминација. Сакаме уште еднаш да ја изразиме нашата непоколеблива поддршка за почитувањето на универзалното и неотуѓиво право на верска слобода, се наведува во честитката.

Претседателот и првата дама на САД исто така посочија дека заедно со православните христијани се молат за мир, правда, слобода и исцелување во наредната година.