Родителите на петгодишната Јана, која почина во битолската Клиничка болница по примањето инфузија, сè уште ги чекаат резултатите од обдукцијата. Мајката за „Макфакс“ вели дека институциите веќе престанале да ги известуваат.
„Ниту некој се јави да ни каже за резултатите од обдукцијата ниту, пак, нè побараа за каков било извештај. Сè дознаваме од телевизија. Слушнавме дека можеби следната недела ќе биде готов извештајот од обдукцијата и немаме што друго да правиме, освен да чекаме. Ова издолжување само ни остава сомнеж дека чекаат да спласне работата и да се совпаднат со другите извештаи“, вели мајката Кристина Христовска.
Петгодишната Јана почина пред две недели, период во кој со извештај излезе Државниот санитарен и здравствен инспекторат, од каде што утврдија дека немало пропусти во лекувањето, а подоцна извештај изготви и стручна комисија формирана од министерот за здравство, која потврди дека била соодветно третирана. И покрај ваквите извештаи, родителите на Јана велат дека не изгубиле верба во институциите додека го чекаат наодот од обдукцијата.
„Јас бев таму, мене извештај не ми треба. Инфузијата ѝ ја влоши состојбата на Јана“, вели мајката Кристина.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, денес, на одбележувањето на Светскиот ден на здравјето, рече дека ги посетил родителите, а најави дека ќе ја посети и битолската болница.
„Како родител, како човек, бев, зборував со фамилијата и за тоа не дадов никаква изјава, нити ги известив медиумите. За посета на болницата ние имаме стратегија, имаме агенда и набргу ќе биде посетена. Ние сме лекари и точно знаеме што е итност, што е ургенција, барем кај нас сите работи така се одвиваат, секогаш се со итност. Но, знаете, јас сум еден месец министер, ќе се потрудиме да ги решиме сите проблематики“, рече министерот Меџити.
Извештајот од обдукцијата на Јана го чека и битолското Обвинителство, од каде што веќе извршиле распит на лицата за кои сметаат дека имаат сознанија за случајот.