Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 56-годишен скопјанец осомничен дека подолг период психички и физички ги малтретирал сопругата и нивните две деца, на возраст од 18 и 15 години. Случајот бил откриен откако 15-годишната ќерка, не можејќи да ги издржи заканите, навредите и притисокот од таткото, се обидела да си го одземе животот.

Осомничениот ќе се гони за кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик. Според Обвинителството, тој подолго време манифестирал агресивно однесување, но членовите на семејството од страв не го пријавувале.

„Осомничениот 56-годишник подолг временски период психички и физички ги малтретирал сопругата и нивните две деца на возраст од 18 и 15 години. Иако постојано манифестирал агресивно однесување, домашните од страв не го пријавувале, сè додека 15-годишната ќерка, не можејќи да ги издржи заканите, навредите и притисокот од таткото, се обидела да си го одземе животот“, соопшти Јавното обвинителство.

Јавниот обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување повеќе мерки на претпазливост. Меѓу нив се забрана осомничениот да го напушти живеалиштето, обврска да се јавува во судот, привремено одземање на патната исправа, како и забрана за приближување или воспоставување контакт.