Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информираше за состојбата со пожарот кој попладнево избувна на депонијата Дрисла, во близина на селото Батинци.
– Скопските пожарникари со сите сили се обидуваат да го локализираат пожарот во депонијата. Направени се противпожарни појаси за да не се дозволи огнот да се прошири кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата. Нема опасност од излегување на огнот надвор од депонијата. Гаснењето е во тек. Постојат сомнежи дека пожарот е предизвикан намерно“, изјави Ангелов.
Ангелов потсети дека летово имавме рекордно високи температури, но Дрисла не се самозапали, па оттаму и сомнежите за подметнување.
Претходно, директорот информираше дека пожарот е присутен, но дека не е алармантен:
– Има пожар. Не е алармантен. БППЗ Скопје работи на негово гаснење. Гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките реакции кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата и предизвикуваат запаливи гасови – додаде Ангелов.
Од скопската Противпожарна единица велат дека нивни екипи веќе се на терен и активно работат на гаснење на пламените. Засега нема информации за повредени лица, ниту за тоа колкава површина е зафатена од огнот.