Сестрата на Фросина Кулакова: Реакција пред најавената прес-конференција на адвокатот на обвинетиот
Сестрата на Фросина Кулакова, која трагично го загуби животот, упати јавен апел до медиумите, институциите и јавноста, барајќи да не се објавува видео-снимката што, според нејзините информации, адвокатот Сашо Дукоски планира да ја прикаже на утрешната прес-конференција.
„Добивме дојава дека адвокатот на Васил, Сашо Дукоски, има намера да прикаже видео во кое тој вришти над мртвото тело на мојата сестра. Целта е јасна – да го очовечи убиецот. Да покаже како му е жал за Фросина, а всушност тој вришти затоа што знае што следи, знае што го чека со оглед на неговото криминално минато“, напиша сестрата на Фросина Кулакова во своето обраќање.
Апел до медиумите: „Не објавувајте ја снимката, почитувајте ја трагедијата“
Семејството на Фросина Кулакова бара од медиумите да не го објавуваат видеото, наведувајќи дека тоа само дополнително ја продлабочува болката и ја манипулира јавноста.
„Испраќам апел до сите медиуми ова видео да не биде објавено. Прво, од почит кон починатата. Второ, од почит кон нејзиното семејство, како и кон целата јавност, која е веќе доволно згрозена од оваа трагедија. Зарем не беше доволно хорор?“ – стои во обраќањето.
Останува да се види како ќе реагираат медиумите и дали судските институции ќе преземат мерки доколку ваквата снимка биде објавена.