Јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши изјави дека Северна Кореја истрелала повеќе проектили и оти таквиот чин „не може да се толерира“.

Северна Кореја денеска лансираше осум балистички проектили со краток дострел кон морето од својот источен брег.

Претходно, јужнокорејската армија соопшти дека Северна Кореја истрелала „непознати“ проектили.

Во соопштението на Американската индо-пацифичка команда се наведува дека повеќекратното лансирање на балистички ракети го истакнува дестабилизирачкиот ефект на севернокорејската програма за нелегално оружје, но оти тестирањето не претставува непосредна закана.

Ракетната проба се случува само еден ден откако САД и Јужна Кореја ги завршија воените вежби во Филипинско Море.

Изминатите недели Северна Кореја истрела серија проектили, вклучувајќи ја и нејзината најголема интерконтинентална балистичка ракета.

Според разузнавачки информации Северна Кореја продолжува со подготовките на полигонот за нуклеарни тестирања во градот Пундери. Тоа би била седма нуклеарна проба на Северна Кореја од 2006 година.

САД минатата недела побараа дополнителни санкции на ОН за Северна Кореја поради тестирање на балистички ракети, но Кина и Русија ставија вето на предлогот.