Северна Кореја се подготвува за седмо нуклеарно тестирање, изјави денеска неименуван висок јужнокорејски претставник.
Според него, Пјонгјанг пред нуклеарната проба би можел да тестира балистички проектили.
И портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки синоќа изјави дека процените на САД се дека Пјонгјанг е подготвен да изврши нуклеарна проба и тоа уште овој месец, и оти таквата информација е споделена сојузниците и партнерите на САД.
Последното, шесто по ред, тестирање на нуклеарна боева глава Северна Кореја го изврши во септември 2017 година.
Севернокорејската армија оваа година изврши неколку ракетни тестирања, меѓу кои и на балистичка ракета со голем дострел.
Токио и Сеул вчера соопштија дека Северна Кореја истрела три балистички ракети со краток дострел кон морето. Ракетите се истрелани откако севернокорејските власти соопштија дека е регистриран прв случај на Ковид-19 од почетокот на пандемијата. Истиот тип на ракета беше истрелана претходно оваа недела, за време на инаугурацијата на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јол.
Со Резолуција на ОН на Пјонгјанг му се забранети тестирања на балистички ракети способни да носат нуклеарни боеви глави, а се воведени и санкции кон Северна Кореја поради нејзината нуклеарна програма.