Светското екипно првенство за шахисти над 50 годишна возраст во Струга веќе во третото коло го донесе дерби мечот на највисоко рангираната екипа, репрезентацијата на САД, со шахистите на Алкалоид кои се четврти носители на турнирот. Мечот заврши нерешено, 2:2, но самите партии ни оддалеку не беа мирољубиви.
Така, на првата табла се одигра прифатен Дамин Гамбит, без многу ризикување од двете страни. Дојде до брза промена на фигурите и немаше можност за повеќе од реми за ВМ Кирил Георгиев.
ВМ Трајко Недев со црни фигури извојува ефектна победа над ВМ Јан Елвест! Значајот на оваа победа треба да се гледа и во фактот дека Недев направи вистински подвиг со победата над играч кој бил во состав на репрезентацијата на СССР како Олимписки победници 1988 и во топ 5 играчи во светот на ФИДЕ рејтинг листата 1991 година. Со црни фигури го надигра и го доведе во ситуација да предаде на еден потег пред мат, во само 23 потега, што ретко се случува во велемајсторската практика!
– Интересна партија, многу остра варијанта во Сицилијанска одбрана. Белиот играше во својот препознатлив стил, мошне добро, се до еден момент кога направи лоша стратегиска одлука и се надеваше дека ако ми ја „растури“ рокадата ќе има подобри шанси . Реално, доколку мојот противник одбереше друго продолжение можеше да изедначи, но вака форсирано влезе во полоша позиција и таа погрешна проценка беше пресудна, оцени ВМ Трајко Недев.