На состанокот, кој е во организација на Министерството за човекови права и бегалци на Босна и Херцеговина и Регионалниот Совет за Соработка, ќе учествуваат министрите од Западен Балкан кои се одговорни за интеграцијата на Ромите, како и претставници од Европската Комисија и меѓународни невладини организации кои се ангажирани во делот на интеграцијата на Ромите.
Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, министрите и претставниците од Европската Комисија ќе разговараат за напредокот што земјите од Западен Балкан го имаат во делот на имплементацијата на заклучоците од Првиот министерски состанок што се одржа во Албанија во октомври минатата година.
– Заклучоците од состанокот од министерскиот состанок што ќе се одржи утре во Сараево, се очекува да бидат поддржани на Самитот на лидерите на Западен Балкан во рамките на „Берлинскиот процес“, што ќе се одржи на 5 јули, во Берлин, Германија, наведуваат од Министерството.