Ова, додаде министерката, претставува дел од имплементација на социјалната реформа, проект што МТСП го работи со поддршка на Светска банка за подобрување на социјалните услуги.
– Дополнително овозможуваме ангажман на негуватели коишто поминуваат низ систем на обука, конкретно за овие две општини, 25 негуватели ќе ја пружат помошта во домовите на возрасните лица над 65 години. И ова не е само една општина односно две општини каде ншто оваа услуга се имплементира. Работиме насекаде во државата со 24 општини на вкупно 19 проекти, истакна Шахпаска.
Таа појасни дека во овој систем треба да поминат 900 корисници, а околу 300 негуватели ќе ја даваат услугата.
– Бенефитот е обостран како за корисниците кои добиваат индивидуализирана квалитетна услуга во нивните домови, значи услугите ги пуштаме во домовите и заедницата, а дополнително успеваме да ангажираме негуватели коишто се лица долго време отсутни од пазарот на трудот, тешко вработливи лица, лица коишто не го заокружиле своето образование и овозможуваме да заработуваат за сопствена егзистенција. На тој начин го подобруваме и нивниот животен стандард и генерално го подобруваме животот на сите чинители во една заедница, истакна министерката за труд и социјална политика.
Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, пак, посочи дека ова е значаен проект за помош и поддршка на повозрасните лица во општината.
– Денеска потпишуваме и ја примаме лиценцата за невладината организација Адра која што ќе биде претставник за Општина бутел и Чучер Сандево. Со тоа сум сигурен дека 25 луѓе коишто ни се одбрани да помагаат на оваа социјално грижливите семејства ќе успееме да ги погодиме сите потребни потреби на лицата коишто ќе им помагаме, рече Смилевски.
Тој се надева дека во иднина ќе има повеќе вакви проскти со кои ќе се излезе во пресрет на потребите на жителите на општината.