Студентскиот оброк по цена од 120 денари дневно да се исплаќа ретроактивно до март, а дотогаш да се најде системско решение за оваа субвенција. Тоа е договорено на средбата во Собранието меѓу претставници на студентите од сојузите на неколку универзитети, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и пратениците кои предложија нов Предлог-закон за субвенциониран студентски оброк со сменети услови за корисниците што предизвика реакции и ги крена студентите на протест.

По тричасовната средба, министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека сите заедно одлучиле да се предложи нов предлог-закон во кој ќе влезат условите од постојниот закон од 2021, а веќе од утре тој со претставници на студентските унии активно да работат на наоѓање системско решение како во другите земји.

-Значи, предлог-законот ќе биде во временски период од шест месеци, што значи ретроактивно од 15 септември и ќе продолжи до март и дотогаш ние ќе имаме временски рок на усогласување за новото системско решение кое ќе значи дека студентите ќе добиваат здрав студентски оброк и ќе се реализира исплатата на дневна основа. Во овој период се договоривме ретроактивно за вредноста што беше досега, со измените од 2021 година, а во наредниот период со системското решение ќе биде повисока сумата за студентскиот оброк. Значи од март ќе биде повисока и тоа почнувајќи од 140 денари или според тоа какви ќе ни бидат анализите до тој период, рече Шаќири по средбата на која присуствувал и премиерот Димитар Ковачевски.

Шаќири посочи дека Предлогот со нови, неповолни услови за студентите за остварување на субвенцијата за оброк, не бил предлог на МОН, туку на група пратеници и не стигнал до Влада на разгледување за да се даде мислење.

-Пратениците видоа дека тоа не е добро решение во ова кризно време. Во наредниот период јас ќе бидам во постојана комуникација со работната група и тие ќе бидат дел од тимот со кој ќе работиме заедно – и за системското решение, и за подобри услови, и за сите други проблеми што ги имаат студентите, рече Шаќири.

Во однос на барањето за подобрување на условите во студентските домови, министерот рече дека ќе разгледаат каде може најитно да интервенираат, како што рече, во најпроблематичните состојби.

-Образложив и дека од Германската банка за развојни политики имаме веќе добиени проекти во вредност од 24 милиони денари и одредени студентски домови се во одредени фази. Во периодот на разговори со студентите ќе видиме што може да се изменаџира со новиот буџет, рече Шаќири.