Министерството за образование и наука ги разгледува сите можности, во тек се постапки и од 1 септември сите ученици во основно и средно образование ќе имаат учебници, соопшти ресорниот министер Јетон Шаќири.

Пред учеството на трибина во Струга, која е дел од кампањата „Учи паметно, работи стручно“, одговарајќи на новинарско прашање за немањето учебници по стручни предмети во средното образование, Шаќири рече дека учениците ќе продолжат да учат како и досега, бидејќи според законските процедури потребни се најмалку три месеци за одобрување на одреден учебник.

– Педагошката служба има доставено извештај за сите учебници од основно и средно образование. Ќе се разгледаат сите можности за децата од 1 септември да имаат учебници за тие предмети за кои досега се завршени повиците. За оние предмети за кои нема, ќе распишеме повик. Тоа се законски постапки кои треба да се отворат и потребно е минимум три месеци да завршат, изјави Шаќири.

Директорот на Центарот за стручно образование Шериф Мифтари информира дека досега било дадено позитивно мислење за 147 книги за стручно образование.

– Од нашиот Центар е дадено 147 позитивни мислења за книги за стручно образование и обука. Сега работата е на Педагошката служба. Нашата надлежност е до тука, понатаму има други надлежни институции. Мерки се преземани, за ова можеме да зборуваме во септември. Проблемот не е од денеска, туку одамна, но ете нешто е почнато, се преземаат мерки, рече Мифтари.

Во однос на проблемот со немањето парно во средното училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје, каде учениците повеќе од една недела следат онлајн-настава, министерот Шаќири посочи дека училиштата треба да се обратат во локалните самоуправи, доколку општината не може да помогне тогаш да побараат помош од Владата.

– Училиштата треба да се обратат во општините, ако општините проценат дека не можат да помогнат во таква ситуацијата треба да се орбатат до Владата. Потоа економските ресори во Владата ќе треба да одлучат за тие потреби, појасни Шаќири.

Според министерот, блок-дотациите што општините ги добиваат од Владата за училиштата се доволни.

– Некои општини бараат пренамена на блок-дотациите заради што не се искористуваат целосно. Досега не сум имал барање од општините за дополнителни блок-дотации, рече Шаќири одговарајќи на новинарски прашања.