Први септември означува почеток на нови подвизи и нови успеси. Посебно сум среќен што денеска ве гледам радосни и што заедно го пуштаме во употреба овој нов објект каде ќе ги имате вашите спомени, вашите успеси и достигнувања, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој утрово, на првиот училиштен ден, го посети новоизграденото Основно училиште „Гоце Делчев“ во општина Илинден.
Шаќири им посака успех во работата и на наставниците, порачувајќи децата да бидат мотивација за сите, како што рече, „каде треба да се движиме и како да работиме“.
Градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски на приредбата во училишниот хол рече дека новото училиште ќе биде место каде што децата ќе се дружат, ќе запознаваат другарчиња и ќе се градат како личности.
-Наша обврска е да обезбедиме услови за секое дете и заедно да изградиме генерација со која ќе се гордееме, рече Георгиевски. Соопшти дека со новото училиште, првпат во општина Илинден се обезбедува дневен престој за учениците од прво одделение, ужинки за сите ученици, сензорна соба за деца со попречености и комплетно опремени училници по највисоки стандарди.
Добредојде на свечениот, прв училиштен ден им посака и директорката на ОУ „Гоце Делчев“ Душанка Крстевска, која посочи дека од година во година се зголемува бројот на првачиња и ученици во општината и дека во оваа учебна година имаат 122 првачиња, меѓу кои четири пара близначиња, распоредени во пет паралелки.
Новоизграденото училиште има 14 училници, наставничка канцеларија, конференциска сала, пет тоалети и три простории за кујна со трпезарии. Има и сензорна соба за поголема инклузија на децата со попреченост.
По повод почетокот на учебната 2022/2023 година, ресорниот министер Шаќири претпладнево ќе го посети и ОУ „Наим Фрашери“ во тетовска Мала Речица, а потоа и ОУ „Васил Главинов“ во општина Чаир.