Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири е убеден дека учебниците ќе бидат доставени до секое училиште до крајот на септември.

– Економскиот оператор секојдневно доставува учебници. Завчера се донесоа последните одлуки од Националната комисја и се одобрија учебниците за албански јазик, природни науки, математика за шесто одделение и мислам дека следната недела ќе имаме точни податоци колку е побарано, колку е доставено и до крај на септември секој учебник ќе биде доставен до училиште – рече Шаќири по церемонијата на УКИМ за назначување на нов ректор.

Училиштата се надеваат дека оваа година ќе се избегнат случаи од лани кога некои учебници стигнаа кај нив на почетокот од јуни, односно на крајот од школската година, но фаќаат прашина во училишните магацини затоа што во меѓувреме МОН ги повлече од употреба.

Министерството за образование и наука склучи договори во вредност од 16 милиони евра за новите учебници за оваа и за следната училишна година, но учениците учат од помошни материјали опфаќаат само едно поглавје од наставниот материјал.

Тендерите за книгите за основно и средно образование за следните две години се тешки 16,5 милиони евра и во оваа сума е вклучено превод, печатење и дистрибуција. Според податоците од Бирото за јавни набавки државата ќе плати многу повеќе за печатење годинава отколку за учебната 2022/23 кога МОН потроши 5,5 милиони евра.

Додека ги чекаат учебниците, учениците од четврто, петто и шесто одделение треба да ги користат дигиталните учебници кои се закачени на платформата на Бирото за развој на образованието. Учениците од четврто и петто ги добија најголемиот дел од материјалите, но учениците од шесто одделение немаат ниту еден од десетте потребни учебници.