Во својот говор, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири рече дека реформата на државната администрација и дигитализацијата се главните приоритети на Владата и МИОА за овој мандат.
– Целта на овој ИПА проект е оптимизирање на целокупната институционална рамка, подобрување на испораката на јавни услуги и зајакнување на етиката, интегритетот, транспарентноста и отчетноста на јавната администрација, меѓу другото преку имплементација на функционална анализа и донесување нов закон за органите на државната управа. По разгледувањето на коментарите и предлозите од отворената дебата одржана пред извесно време, ќе бидеме подготвени да го унапредиме овој важен проект во завршна фаза. Вреди да се спомене фактот дека со помош на СИГМА успеавме да подготвиме 3 важни закони, и тоа: Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници и Законот за високи раководни структури, рече Шаќири.
Во врска со процесот на дигитализација во земјата, тој додаде дека се решени да го однесат овој процес напред.
– Ќе воведеме нови мерки за да им помогнеме на компаниите во овој сектор, да ги охрабриме студентите да студираат во овој сектор. Ќе инвестираме и во подобрување на дигиталната инфраструктура во земјата и со формирање на Дигитална агенција ќе дадеме голем поттик за процесот на дигитализација. Исто така, треба да се спомене Системот за управување со документи како многу важна компонента во меѓуинституционалната комуникација, преку која имаме за цел информациите да поминат многу брзо од институција во институција и документите да се обработуваат за многу кратко време, вели Шаќири.
Овој настан, посочуваат од МИОА, беше можност за ReSPA да ја претстави студијата „Поддршка на ЕУ за јавна администрација преку ИПА 2: Рефлексија и научени лекции“, која вклучуваше различни модели на поддршка од ИПА 2, меѓу другото и поддршка на важен директен буџет на активности поврзани со реформите во јавната администрација и научени лекции кои ќе бидат релевантни за следната генерација ИПА 3 (2021 – 2027). Поточно, со Програмата за работа прилагодена на заклучоците од оваа студија, ReSPA во следниот период, дополнително ќе ги поддржи јавните администрации во регионот, со цел да бидат што е можно посоодветно подготвени во врска со користењето на средствата во рамките на ИПА 3 програмата за поддршка.