Универзитетот во Тетово е расадник на квалитетни кадри кои успешно се интегрираат во сите сегменти на општеството и голем дел од нив покажувајќи лидерски способности, учествуваат во креирање на позитивни промени и придвижувањето на државата напред, истакна денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири на манифестацијата по повод 28 години од основањето на Универзитетот.
На манифестацијата учествуваа претставници на академската и научната фела во државата, студенти претставници на извршната и законодавната власт во државата, како и претставници на дипломатскиот кор.
-Со основањето на Универзитетот во Тетово, првиот државен универзитет со настава на албански наставен јазик се оствари идејата на многу наши предци, интелектуалци и луѓе со мисија и визија да направат нешто за да се унапреди образованието на Албанците во С. Македонија. Нивниот некогашен сон денес е реалност во која сите живееме, рече Шаќири во своето обраќање.